In order to view this page you need Flash Player 9+ support!

Get Adobe Flash player

ObjectX

  • IMG_1704.JPG

  • IMG_1769.JPG

  • IMG_1772.JPG

  • IMG_1777.JPG

  • IMG_1790.JPG

  • IMG_1794.JPG

  • IMG_1803.JPG

  • IMG_1737.JPG

  • IMG_3083.jpg

Ридот Градок (Маркови Кули)

Ридот "Градок" (Маркови кули) лежи 5 км североисточно од Чаниште и 4,5 км северно од Манастир. Висок е 120 м над сливот на Дуњска Река во Црна. Главниот пат низ Мариово на тоа место ја преминува Црна, водејќи кон старите рудници на Кожуф (денес патот Прилеп — Витолиште). Врвот на Градок е зарамнет и на средина вдлабен. Доминира над широката околина, над спомнатиот пат и речниот премин.

Најстари остатоци. Во доцната антика околу врвот на ридот било подигнато обѕидие од големи камени блокови, делумно врзани со малтер. Просторот има димензии 230 х 230 м (4,5 ха). Низа кули и контрафори го зајакнувале ѕидот. Внатре се гледаат основи од бројни куќи компонирани во улици. Највисокиот (северен) дел бил одвоен со внатрешен ѕид во акропола, во која покрај станбени објекти стоеле и две базилики (6 век). И двете цркви останале добро запазени до наше време, со тоа единствени во Македонија. Поголемата црква имала ѕидани колонади со арки и голем триделен прозорец во апсидата. Наоди: бројни ситни предмети ковани од железо, железна згура, монети од 6. век. Ова гратче претставувало регионално средиште на Мориово на крајот од антиката, а израснало благодарение на експлоатацијата на железната руда во околината.

Средновековни остатоци. Просторот на акрополата бил повторно укрепен во средниот век: новото обѕидие (од камен без малтер) било поставено покрај остатоците од доцноантичкиот ѕид, чија што линија ја следи. Една голема издадена кула на западниот крај била ѕидана со малтер, а другите две кули ја фланкирале главната порта на североисточниот крај. Двете базилики од 6 век без преправки продолжиле да служат и во ова време. Долж јужното обѕидие се протега низа од станбени простории (тип казамати). Укрепениот простор зафаќа 1 ха и целиот е покриен со градежен шут и средновековна керамика. Ситни наоди: монета (фолис) на Јован Цимиски (крај на 10 век), бронзен прстен и парчиња од белегзии (10.—12. век), бројни предмети ковани од железо. На 5 км јужно од Градок стои црквата на св. Никола во Манастир, најстара во Мориово. Големиот ѕиден натпис во неа од доцниот 13 век зборува дека црквата била изградена на местото на една постара (веројатно од 11 век). Во повелбата на Василиј II од 1019 г. стои дека под Мегленскиот епископ се наоѓала и црковната општина (енорија) Морихово. Не знаеме дали ова име означувало само регион или и место (крепост, „град”) како седиште на истоимениот регион. Како и да е, крепоста „Градок — Маркови Кули” близу Манастир ги има сите прерогативи да биде „град Морихово” од 10/12 век. Името му се должи на веројатниот управник на овој регион Морих. Подоцна, со откривањето на нови рудни лежишта јужно од Манастир, 8 км јужно од Градок ќе се издигне крепоста Чемрен во новото стопанско и управно средиште на Мариово (сп. под Зовик, Битола).


You need Flash player 6+ and JavaScript enabled to view this video.

You need Flash player 6+ and JavaScript enabled to view this video.

You need Flash player 6+ and JavaScript enabled to view this video.